(18.03.2015) Раководниот кадар на Mинистерството за животна средина и просторно планирање, предводено од министерот Нурхан Изаири, денес остварија средба со невладините организации кои делуваат во животната средина со цел да разменат информации, мислења и искуства за предизвиците и активностите за заштита на животната средина во Р. Македонија.
– Посебно би сакал да нагласам дека целта на оваа средба е низ конструктивен дијалог да споделиме информации, но и да ги слушнеме Вашите забелешки, сугестии и препораки. Предизвиците со кои се соочуваме во заштитата на животната средина се навистина големи и комплексни, а активностите што ги спроведуваме и што допрва треба да ги спроведеме бараат сериозен пристап, голем ангажман, но и развиен дијалог и добра координација помеѓу централната и локалната власт и граѓанскиот сектор. Во исто време би сакал да нагласам, како и многу пати досега, дека во невладиниот сектор бараме и гледаме партнер и на национално и на локално ниво и Ве охрабрувам за коментари и забелешки, бидејќи Вашите видувања, сугестии и идеи се добредојдени од причина што ние сме дел на еден ист процес, а нашата крајна цел е иста – чиста и здрава животна средина – нагласи министерот Изаири во воведното обраќање.
На средбата, најширока дискусија се разви за состојбите и мерките што се преземаат за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух, за најновите информации за активностите на ЈУГОХРОМ, за можностите од намалување на загадувањето на воздухот предизвикано од застарениот возен парк и прекумерната употреба на возила, а беа покренати прашања и за заштита на националните паркови Маврово и Галичица, како и за прогласувањето на Шар Планина за национален парк. Исто така се разговараше и за најаваените градби во Лазарополе. Од страна на невладините организации се покрена и прашањето околу новиот тарифник за води, за што министерот Изаири информираше дека за таа тема ќе бидат организирани дополнителни средби.