(16 февруари 2015 г.) Министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири во рамките на денешната втора заедничка седница на Владите на Република Македонија и на Република Србија оствари билатерална средба со министерот за земјоделство и заштита на животната средина на Р. Србија, Снежана Богосављевиќ Бошковиќ.
На средбата се потенцираше успешноста на досегашната билатерална соработка во областа на животната средина, која се потврди и со потпишување на Меморандум за соработка меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија и Министерството за земјоделство и заштита на животната средина на Република Србија на полето на одржлив развој и заштита на животната средина.
Министрите заклучија дека досегашната соработка е добра, но има многу можности за соработка, размена на искуства и прекугранични проекти. Во насока на операционализирање на билатералниот документ, во најблиска иднина се очекува од двете страни изготвување на 2-годишна програма за работа во сферата на интегрирано управување со водите, квалитет на воздух и климатски промени.