Државниот секретар за животна средина и просторно планирање, Неби Реџепи имаше поздравно обраќање на работниот состанок на тема „Размена на искуства во развојот и спроведувањето на проширена одговорност на производителитe“ одржан во Стопанска Комора на Северна Македонија.
На настанот присуствуваше делегација од Министерството за туризам и животна средина на Република Албанија, пред која беа презентирани законодавството, реализираните цели и активности согласно законите, како и искуствата од процесот на усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ во поглед на системот за проширена одговорност на производителите, од страна на високи претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, Стопанската Комора на Северна Македонија и истакнати експерти во областа.
“Сметаме дека оваа работна средба ќе придонесе за поуспешно имплементирање на законите од оваа област и во вашата земја, а дополнително ќе овозможи понатамошна потесна соработка помеѓу бизнис секторот и државата. Исто така, оваа работна средба ќе помогне и во понатамошното хармонизирање на вашето законодавство со законодавството на Европската Унија, активност која ние ја спроведувавме изминатите години и секако ќе научат од нашите грешки” – истакна Реџепи во своето излагање.
Настанот е во организација на SANE 27, во соработка со Brooks Hannas and Partners, Министерство за туризам и животна средина на Република Албанија и Амбасадата на Шведска во Република Албанија.