Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова денеска беше во работна посета на с.Тремник, општина Неготино, каде беше направен увид во изградбата на нов потисен цевковод и резервоар за вода за пиење во населеното место. Изградбата на потисниот цевковод со должина од 3.300 метри и изработката на новиот резервоар со капацитет од 250 м3, лоциран на повисока надморска висина од стариот, произлегува од порастот на бројот на жители на селото и изградбата на нови станбени куќи, каде постоечкиот систем не ги задоволува потребите на населението.
Министерката Шукова истакна дека со реализацијата на проектот сите оние домаќинства коишто не беа приклучени на цевководот досега, ќе бидат приклучени, со што ќе се реши деценискиот проблем со водоснабдувањето со кој се соочуваа жителите на селото.