Справувањето со регионалните еколошки и климатски предизвици преку имплементација на Акциониот план за Зелената агенда за Западен Балкан и унапредување на регионалната соработка, со посебен осврт на кружната економија, беше во фокусот на обраќањето на министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова на панел дискусијата на високо ниво, организирана во рамки на Регионалниот координативен состанок за Западен Балкан, насловен „Revolve to Evolve – Go Circular“ што се одржа денес во Приштина.
Во своето обраќање министерката Шукова посочи дека сме свесни за предизвиците (деградација на животната средина, климатски промени, загуба на биолошка разновидност, управување со отпад, енергетска транзиција) со кои се соочуваат земјите од регионот на Западен Балкан, но нагласи дека на овие предизвици истовремено се гледа како на можности за раст и развој.
– Приоритетните акциони мерки се насочени кон забрзување на транзицијата кон обновливи извори на енергија, спроведување ефективни програми за намалување и рециклирање на отпадот, заштита и обновување на природните живеалишта и биодиверзитетот, промовирање на одржливи транспортни начини и инфраструктура. Сите овие предизвици треба да се усогласат со националните капацитети за апсорпција, со меѓународни договори и обврски поврзани со одржливоста на животната средина и други паралелни процеси во регионот, како што е новиот План за раст за земјите од Западен Балкан – истакна Шукова, додавајќи дека стратешкиот пристап на Северна Македонија за забрзување на фундаменталните реформи за прогресивна интеграција со единствениот пазар на Унијата и социо-економската транзиција, како и усогласувањето со законите, правилата, стандардите, политиките и практиките на Европската Унија е во согласност со новиот План.
Понатаму, министерката Шукова, во своето обраќање се осврна и на тековните напори во спроведувањето на принципите на кружната економија што претставува трансформативна рамка за одржлив развој на Западен Балкан и е клучна за постигнување на националните, регионалните и глобални климатски цели.
Во своето обраќање таа се осврна на позитивните искуства од имплементирани мерки и изрази задоволство што забраната за употреба на пластични кеси за еднократна употреба и забраната за употребата на производи спакувани во пластика во заштитените подрачја е препозната и поздравена од регионот.
– Нашиот предизвик е координација на сите тековни процеси на национално ниво (особено на известувачкиот) со цел сите акции, цели и мерки да бидат конзистентни и остварливи. Секако, насоките се јасни, тие се и дел од Софиската декларација и Акцискиот план за спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан, како и законодавството на Европската Унија. Потребно е партнерство владин/приватен (бизнис) сектор/академија/НВО, но пред се, потребно е знаење и разбирање на очекуваните цели и задачи кои произлегуваат од законодавството на ЕУ – заклучи Шукова.
Фокусиран на Кружната економија, овој настан имаше за цел да ги идентификува регионалните потреби, да ги детектира недостатоците во финансирањето и да ја подобри координацијата меѓу донаторите, бизнисите, индустрискиот сектор, граѓанството и економиите на земјите од Западен Балкан, поттикнувајќи ги кон климатска неутралност што треба да се постигне до 2050 година.
Настанот е во организација на Регионалниот центар за соработка и проектот EU4Green.