Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска, учествуваше на конференцијата „Невладините Организации – непроценливи актери во спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан„ што се одржува денес, во Скопје.
Според неа, граѓанските организации во Западен Балкан не се само придонесувачи, туку и клучни двигатели на Зелената агенда, а нивното застапување, иницијативи и заеднички напори се незаменливи во процесот на интеграција кон ЕУ.
– Воспоставениот постојан дијалог и зајакнатата соработка помеѓу невладините организации и властите од Западен Балкан, како и соработката меѓу регионалните и европските НВО носи заеднички придобивки и овозможува градење на дополнителни капацитети на невладиниот сектор во регионот на Западен Балкан. Невладините организации, исто така, играат важна улога во подигањето на свеста на граѓаните од Западен Балкан и споделувањето на информации за целите на Зелената агенда и за статусот и напредокот во напорите за заштита на животната средина – истакна Оџаклиеска.
Таа додаде и дека од суштинско значење е одржувањето на независноста на граѓанското општество, со оглед на тоа што граѓанските и непрофитните организации играат активна улога во обликувањето и мониторингот на јавните политики што ги спроведуваат институциите.
Конференцијата е во организација на Здружението за одржлив развој и соработка „АЛКА“.