Денес во Дојран во присуство на премиерот Ковачевски, министерката Шукова, градоначалникот на о. Дојран Ангов и амбасадорот на Словенија Прескер, се означи почетoкот на проектот за целосна санација и реконструкција на колекторскиот систем во општина Дојран.
Проектот е комплексен и опфаќа повеќе зафати со што се очекува системско решавање на проблемот со собирање и пречистување на отпадните води од Стар и Нов Дојран и другите населени места во општината.
Главниот зафат е целосната санација и реконструкција на колекторски систем, односно санација и реконструкција на постоечка главна канализациона мрежа – цевковод на главен колекторски систем во општина Дојран. Во исто време започната е и тендерската постапка за избор на компанија која ќе изгради сосема нова, модерна и софистицирана пречистителна станица. Изградба на нова пречистителна станица, според проценките се покажа поисплатлива инвестиција од реконструкција на старата дотраeна, а ќе се обезбеди и дополнителен и многу важен бенефит бидејќи за прв пат ќе се примени нова технологија со која ќе избегне еутрофикација и загадувањето на Езерото.
Финансиските средства во износ од 135.000.000 денари се обезбедени од Буџетот на Влада на Република Северна Македонија и на МЖСПП, а остатокот во износ од 78.000.000 денари се донација од Владата на Република Словенија преку Словенечка амбасада.
Укажувајќи на можностите што се отвараат на нашиот пат кон ЕУ во областа животна средина и клима, што е едно од најкомплексните и најскапите области, министерката Шукова потенцираше дека како Влада и како Министерство ги поддржуваме проектите за заштита на трите македонски езерски бисери, Охридско Езеро, сега и Дојранско, а во скоро време и Преспанското. „Ако се движиме кон ЕУ, треба и така да се однесуваме. Со реконструкција на колекторскиот систем за отпадни води и изградба на нова пречистителна станица ќе се заштитат водите и целиот еко-система Дојранското Езеро како уникатно заштитено подрачје и исклучително привлечна туристичка и транзитна дестинација“ порача министерката Шукова од Дојран додавајќи дека реализацијата на овој проект е добар пример на соработка на централната власт, локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и Словенија како земја членка на ЕУ.
Колекторскиот систем, односно главниот цевковод е во должина од околу 7км и ќе се работи со нов вид на технологија – неинвазивна метода систем цевка во цевка, , применлива за урбани средини, без ископи и дополнителни градежни оптеретувања.
Како дополнување на целиот систем за заштита на Дојранското Езеро, потпишан е и Договор и воведен е во работа и изведувачот за изградба на канализационен систем во н. м Црничани. Зафатот е во вредност од 17 милиони денари.
Исто така потпишан е Договор и за изработка на основен проект за изградени мочуришта за пречистување на отпадните води од н. м. Црничани и Фурка, кој воедно претставува демонстрација на примена на нова зелена инфраструктура со решение засновано на природата. Со тоа не само што се постигнува пречистувањето на отпадните води, туку има и позитивни влијанија врз локалниот биодиверзитет и климатските промени.