Министерката за животна средина и просторно плaнирање, Каја Шукова заедно со генералниот директор на Пивара Скопје, Горан Сладиќ и извршниот директор на Пакомак, Филип Ивановски, ја промовираа најновата иновација – прицврстени капачиња на ПЕТ-амбалажата на безалкохолните пијалаци во портфолиото на компанијата „Пивара Скопје“ и одлагање на ваквата амбалажа во вендинг машината за собирање пластични шишиња и лименки поставена во продавницата „Тинекс.
– Оваа новина е показател за одговорниот однос што го имаат компаниите како „Пивара Скопје“ кон животната средина. Истовремено, тоа е и пример кој треба да го следат и останатите компании за тоа како треба да се размислува и делува со цел да се овозможи поефикасен систем за собирање и рециклирање на целокупниот отпад од пакување. Верувам дека ваквите решенија што се предвидени и со Директивата на ЕУ за пластиката за еднократна употреба и што веќе делумно се опфатени и во домашното законодавство, ќе се мултиплицираат, со што ќе придонесат кон остварување на нашите заложби како Влада да создадеме услови за развивање на одржливо управување со отпад преку селекција, собирање и рециклирање на отпадот, како и градење позитивни навики кај широката јавност – истакна министерката Шукова во своето обраќање.
Според генералниот директор на Пивара Скопје, Горан Сладиќ, новото решение претставува значајна иновација која помага, заедно со потрошувачите и партнерите, да ги исполнат амбициозните цели и заложби од платформата „Свет без отпад“ и иницијативата за Нула емисии на CO2 во атмосферата, кои се дел од долгорочната стратегија на компанијата за одржлив развој.
– Преку искуството и знаењата на двете групации на кои припаѓаме – Coca-Cola HBC и HEINEKEN, помагаме во унапредување на легислативата на државата и ги делиме истите вредности со консументите од земјите од ЕУ. Истовремено, горди сме што со ваквите иновации поставуваме стандарди и за останатите компании и помагаме да се испрати значајна порака во општеството дека секој од нас, но и сите заедно можеме повеќе да придонесеме за почиста и одржлива животна средина, а со тоа и за доброто на целата заедница – рече тој.
Извршниот директор на Пакомак, Филип Ивановски, изрази очекување дека оваа иновација, која е дел од актуелните трендови од оваа област во ЕУ, брзо ќе ја прифатат и останатите компании.
– Тоа се надоврзува на останатите активности кои заеднички ги спроведуваме, а имаат за цел да се зголеми ефикасноста на системот на собирање, селекција и рециклирање на отпадот од пакување во нашата земја. Анализите на пластичниот отпад во океаните покажуваат дека капачињата се еден од главните загадувачи, како ситен отпад за кој помалку се грижат граѓаните. Со оваа иновација, капачињата ќе останат составен дел од отпадот од шишиња и со сигурност ќе се рециклираат – додаде Ивановски.
Веќе се поставени вкупно 27 вендинг машини, главно во супермаркетите на Веро иТинекс, а до крајот на оваа година во план е поставување на уште 30 во Скопје, но и во другите општини, како што се Прилеп, Кавадарци, Штип и Берово.
Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова одржа работен состанок со претставници на Пивара Скопје предводени од генералниот директор во заминување Горан Сладиќ, на која разговаараа за досегашната добра меѓусебна соработка, особено во делот на остварување на долгорочните цели за спроведување на општествено одговорните платформи на компанијата за намалување на отпадот, заштитата на животната средина и климатска акција – Свет без отпад и нето нула емисии на CO2 до 2040 година.
Животната средина, особено справување со отпадот бара широки и силни партнерства на сите нивоа, паметни решенија и дисциплинирани и одговорни институции и граѓани.