Средба на министерката Шукова со производители на пластични кеси

Денес во просториите на министерството за животна средина и просторно планирање, министерката за животна средина и просторно планирање Kaja Шукова одржа работна средба со претставници од индустријата на производители на пластични кеси за носење стоки и претставници на Стопанската Комора на РС Македонија.

На состанокот се дискутираше за новите законски обврски кои стапуваат на сила од 1 јули 2023 година, поконкретно за забраната за пуштање на пазарот во нашата држава на пластични кеси и оксобиоразградливи кеси за носење на стоки.

Средба на министерката Шукова со производители на пластични кесиИмено, од страна на компаниите беше презентирано дека материјалот за изработка на биоразградливите кеси, согласно стандардот за биоразградливост, е тешко достапен за македонскиот пазар и дека производителите се соочуваат со потешкотии во континуираното призводство на овие кеси. Воедно, од нивна страна беа изложени предлози да се ревидира законската регулатива и да се направат поголеми напори за да се обезбедат еднакви услови на пазарот, односно да се спречи нелојалната конкуренција со нудење на бесплатни пластични кеси. Дополнително, претставниците на индустријата предлагаат намалување на надоместокот за биоразградливите пластични кеси, кои би се продавале после 1 јули 2023 година.

Министерката Шукова откако ги сослуша барањата на производителите на пластични кеси, ги информира дека нивните предлози внимателно и детално ќе бидат разгледани во координација со релевантните државни органи. Дополнително, децидно им укажа на своите соговорници дека поништување или враќање назад на започнатата постапка за намалување на употребата на пластичните кеси за еднократна употреба нема да се случи, бидејќи тоа се обврски превземени од нашата држава, за усогласување со законодавството на ЕУ.