Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска учестуваше на работилницата „Состанок за валидација на Акционен план за Интегрирано управување со водните ресурси“ што во организација на „ Глобално водно партнерство Медитеран – Global Water Partnership Mediterranean (GWP-Med)“ и Министерството за животна средина и просторно планирање се одржаа по повод одбележувањето на 22 Март, Светскиот ден на водите.
Во своето излагање, Оџаклиеска истакна дека моменталните процеси на пристапување кон Европската Унија не‘ обврзуваат да имплементираме ефективно управување со водите преку исполнување на Рамковната директива за води, за што во континуитет се залагаме и преку изработка на Интегрирано управување со водните ресурси што ќе ја забрза реализацијата на Глобалната цел за одржлив развој 6 – Чиста вода и санитација, во нашата држава.
Со реализацијата на овој многу значаен проектен концепт за валидација на Акционен план за Интегрирано управување со водните ресурси, кој е комплементарен со постојната рамка за Управување со водните ресурси во државата, придонесуваме за забрзан и сеопфатен развој на националните стратегии, следејќи ја генералната климатска агенда, и правиме сериозен исчекор со кој заедно даваме придонес кон забрзување на промените, рече Оџаклиеска.
Регионалната организација „Global Water Partnership Mediterranean (GWP-MED) “ има за цел да помогне во одржливо управување со водните ресурси во медитеранските држави, преку примена на пристапи за интегрирано управување со водни ресурси (IWRM). Основана е во 2002 година и е еден од 13 -те региони на меѓувладината организација „Глобално водно партнерство – Global Water Partnership (GWP) “.