Денес 27 декември 2014 год., во с.Наколец на брегот на Преспанското Езеро официјалното беше пуштен во употреба Систем за управување со отпадни води кои се вливаат во ПрепанскотоЕзеро. Истиот е резултат на завршениот проект на Министерството за животна средина и просторно планирање и општина Ресен со техничката поддршка на УНДП. Системот во употреба го пуштија министерот за животна средина и просторно планирање, г-дин Нурхан Изаири, постојаниот претставник на УНДП, г-ѓа Луиза Винтон и градоначалникот на општина Ресен, г-дин Ѓоко Стрезовски. Во оваа пригода министерот Изаири рече:
„Денеска го одбележуваме успешното завршување на една многу значајна инвестиција – изградбата на системот за управување со отпадните води во село Наколец, овде на брегот на Преспанското Езеро. Овој комплексен градежен потфат беше овозможен во рамките на Проектот за заштита на Преспанското Езеро којшто Министерството за животна средина и просторно планирање и општината Ресен заеднички го спроведуваат благодарение на техничката поддршка на УНДП.
Финансиските средства за целокупниот систем со вредност од повеќе од половина милион долари беа обезбедени од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка и Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ). Проектот опфаќа изградба на канализациона мрежа со вкупна должина од 4.2 километри и современа пречистителна станица која веќе обезбедува ефикасен третман на отпадните води од ова населено место. Овој проект носи бројни придобивки како за локалното население, така и за заштитата на Преспанското Езеро како еден од највредните слатководни екосистеми кај нас и пошироко.
Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на нашите традиционални партнери во заштитата на Преспанското Езеро – УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка за нивната поддршка во спроведувањето на овој особено значаен проект. Успешно завршениот систем е само уште еден доказ дека соработката што ние ја имаме со општината Ресен и локалното население од Преспа дава огромни резултати. Посветеноста и степенот на организираност на жителите на село Наколец не само што овозможија одлична реализација на овој проект, туку се и гаранција за одржливоста на целокупниот систем во иднина.
Ваквиот пристап на реализација на конкретни мерки за заштита на Преспанското Езеро ќе продолжи и во наредниот период, сè до постигнувањето на нашите главни цели – ефикасна заштита на овој уникатен екосистем од што корист ќе има не само локалното население, туку и целата држава.„