Mинистерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и градоначалникот на о. Дебар, Ружди Љата се вклучија во акцијата „Ден на дрвото–засадија својата иднина“ со засадување на садници на местото викано Бадем, близу Дебарското езеро.
Поздравувајќи ја еколошката акција „Ден на дрвото“, која се спроведува низ целата држава и која од година во година добива нови содржини и нови димензии, министерот Изаири нагласи дека секое засадено дрво значи еден нов прочистувач на воздухот и упати апел да се продолжи со масовно, систематско засадување на садници, како еден од најделотворните начини за да се стигне до саканата цел – здрава и чиста животна средина.
– Особено ме радува фактот што оваа есенска акција е во знакот на справување со климатските промени – изјави во таа прилика министерот Изаири.
На подрачјето на о. Дебар беа засадени 15.000 садници на територија од пет хектари, а во акцијата се вклучија општинската администрација, ЈКП „Стандард“, единицата за пожарникарство од Дебар, учениците и професорите од средното училиште „Здравко Чочковски“, невладини организации, како и повеќе десетици граѓани и волонтери.