Денес, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, се обрати на промоција на воведувањето на Зелениот финансиски фонд. Заедничкиот проект „Зелен финансиски фонд за подобрување на квалитетот на воздухот и борба против климатските промени во Северна Македонија“, (кој во моментов е во завршна фаза на подготовка), се очекува да биде во вредност од приближно 36,3 милиони американски долари и ќе се спроведе од тим на агенции на Обединети Нации – УНДП, ИОМ и УНЕЦЕ – во партнерство со ЕБОР.
Главен партнер на проектот е Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, во партнерство со министерствата за финансии, животна средина и просторно планирање и економија.
Целта е развивање и операционализирање на Зелен фонд за финансирање како ново финансиско средство, што треба значително да го подобри пристапот до достапно зелено финансирање за мали и средни претпријатија и целни групи на поединци/домаќинства за инвестиции за користење и употреба на обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност како и поттикнување иновации во истите, со што ќе се придонесе до намалување на емисиите на стакленички гасови и загадувањето на воздухот.
“Ние бевме меѓу првите кои поднесовме нов амбициозен климатски национален придонес, но ние имаме план за негово финансирање. Инвестициите примарно ќе доаѓаат од страна на приватниот сектор со поддршка од страна на државата. Тука мислам на транзицијата кон почиста енергија, енергетска ефикасност, позелен транспорт. Во сето ова партнери мора да ни бидат и финансиските институции и ние работиме на координирање и централизирање на различните вакви проекти со што ќе обезбедиме масимален стимул за ваквите инвестиции, поповолни каматни стапки за граѓаните и правните лица” истакна инистерот Нуредини.
Дел од финансирањето на проектот се очекува да биде обезбеден од Заедничкиот фонд за целите за одржлив развој (SDG fund), кој е иновативен инструмент за стимулирање на трансформативни политики за стимулирање на стратешките инвестиции потребни на светот во пост-COVID19 периодот и исполнување на целите за одржив развој.
Почнувајќи од глобалната конкуренција од 155 предлози, проектот во моментов е меѓу најдобрите 12 предлози во последниот круг, од кои околу 4 се очекува да добијат финансирање од Заедничкиот фонд за SDG.