Министерот Насер Нуредини во рамки на Светскиот конгрес на Светската унија за конзервација на природата (IUCN), денеска учествуваше како панелист во сесијата посветена на решенија базирани на природата за климатските промени, заедно со министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово Либурн Алиу, заменик министерката за туризам и животна средина на Албанија Орнела Чучи, Наиг Козанет од Француската агенција за развој, како и регионалниот директор на Светската унија за козервација на природата Борис Ерг.
Во своето обраќање тој го презентираше националниот напредок во зачувување на природата, со прогласувањето на новите заштитени подрачја, а посебно Осоговските Планини и националниот парк Шар Планина, со што уделот на заштитени подрачја порасна од 8,9% на 13, 3% од територијата на Република Северна Македонија.
Истовремено тој ги истакна напорите за одржлив развој на заштитените подрачја, изнаоѓањето на соодветен начин на нивно управување за обезбедување на балансирана интеракција на човекот со природата и обезбедувањето на соодветните екосистемски услуги.
„Прашањата на зачувување на биодиверзитетот, митигацијата на климатските промени и адаптацијата кон нив се испреплетени и наш приоритет, како земја ранлива на климатските промени, за што бевме сведоци за време на шумските пожари летово. Наш приоритет е реставрацијата на екосистемите и обезбедување на истовремен зелен развој на локалното население“ истакна Нуредини.
Претставниците на трите соседни земји изразија подготвеност за засилување на прекуграничната соработка за заштита на природата, со посебен фокус на климатските промени, особено во Охридскиот регион и Шар Планинскиот планински масив.
#ADAPT #IUCNCongress