Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во соработка со Македонско еколошко друштво (МЕД), Јавното претпријатие „Национални Шуми“ и општините Берово и Пехчево започнува кампања за прогласување на Малешево за заштитен предел.
Целта на кампањата е да се информира и запознае јавноста за тоа што претставува „заштитено подрачје“, како може да се зачуваат природните вредности и воедно да се обезбедат економски придобивки од заштитените подрачја. Кампањата ќе трае во следните 10 дена, а ќе опфати промоција на видеа, илустрации и други промотивни содржини кои зборуваат за природните вредности, биодиверзитетот, туризмот, планинарството, културата и традициите во Малешево, а ќе се споделат и важни информации за идното заштитено подрачје.
Во рамки на кампањата ќе се одржи и јавна расправа, како дел од активностите за вклучување на јавноста во процесот на прогласување на Малешево за заштитен предел..
Регионот Малешево се наоѓа во источниот дел на Република Северна Македонија и ги опфаќа општините Берово и Пехчево. Претставува целина која се истакнува со своето природно и културно богатство, каде што управувањето со шумите е долгогодишна традиција. Малешевијата, област во која природата истурила едно чудо убавини, природни богатства од кои застанува здивот. Борови, дабови и букови шуми, чисти реки, разновидност од цвеќиња и лековити чаеви, мноубројни животински видови, традиции, храна… Малешево навистина ги исполни сите услови за да стане заштитено подрачје!
Кампањата е поддржана од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а координиран од „Фармахем“ од Скопје.
Кампањата е поддржана и од општините Берово и Пехчево.
Слоган на Кампањата: Да го зачуваме Малешево за идните генерации!
Хаштаг на кампањата е: # ДаГоЗачувамеМалешево #МалешВоСрцето #брегалничкислив #CHinMK