Нуредини од „Зелен економски круг“ во Виена: Стимулираме инвестиции со конкретни економски мерки за демистифицирање на зеленото опоравување од Ковид кризата

GreenEconomyCircle_1Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини вчера настапи како главен говорник на конференцијата “Зелен економски круг” во Виена, на која беа презентирани одржливи, иновативни и зелени политики, бизнис идеи, продукти и компании.

Во излагањето тој истакна дека имплементацијата на зелената агенда на Западен Балкан во Република Северна Македонија е јасна цел за нашата земја, и го презентираше планираното поврзување на националната климатска заложба со зелени мерки за опоравување од Ковид 19 кризата.

„Креираме и реализираме применливи зелени политики за да ја оствариме „Зелената агенда“ на Балканот како нов пристап за одржлив економски развој и обновување на природните еко-системи. Ја демистифицираме зелената економија со доближување до потрошувачот, стимулирање на приватните инвестиции со конкретни предложени мерки како енергетска ефикасност, соларна енергија, еко системски услуги и е-мобилност. Работиме на обезбедување на праведна енергетска транзиција на економијата со креирање на зелени работни места, системски планирана финансиска поддршка на екомските оператори и на индивидуалните домаќинства“– изјави Нуредини на форумот.

Пред претставниците од владите, деловните субјекти и финансиските институции,  тој ја претстави нашата креирана законска регулатива усогласена со потребите на сите засегнати страни, што ќе биде веднаш применлива, ќе отвара нови можности за развој и одржливо користење на природните ресурси.

На маргините на конференцијата, Нуредини оствари и средба со австрискиот федерален министер за дигитализација и економски прашања Маргарет Шрамбок, на која разговараа за можностите за продлабочување на економската соработка во остварувањето на зелената агенда со Австрија, како еден од главните инвестициски партнери на Република Северна Македонија.

Конференцијата „Зелен економски круг“ има за цел да презентира и промовира одржливи, иновативни и зелени деловни решенија, производи и компании, но и активности на креаторите на политиките и на граѓанските активисти со цел да ги поврзе и да ги охрабри за соработка во градењето на позелена економија во надминувањето на сегашната криза.

https://www.greeneconomycircle.eu/