Денеска, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини оствари работна средба со амбасадорката на Австралија во Република Северна Македонија, Н. Е. Рут Стјуарт. На средбата беа дискутирани можностите за поддршка на Владата на Австралија во напорите на Владата на Република Северна Македонија за имплементирање на плановите за заштита на Охридското Езеро. Имено, Австралија, како член на Комитетот за Светско наследство на УНЕСКО, континуирано ги поддржува предизвиците со кои се соочува Владата на РСМ по однос на ова прашање, во соработка и консултација со релевантните национални институции.
По прашањето за праведна транзиција кон обновливи извори на енергија, среднорочните и долгорочните цели до 2030/2050 година, министерот Нуредини информираше за начинот на кој Владата на Република Северна Македонија се справува, односно ги презентираше активностите предвидени во ревидираните и зголемени Национални придонеси за намалување на климатските промени (NDCs), Нацрт долгорочната Стратегија за климатска акција и Енергетска Стратегија.
Министерот Нуредини, исто така, ги образложи активностите на Владата на Република Северна Македонија во намерите за постигнување на одржлива циркуларна економија, односно за пакетот закони за отпад и посебни текови на отпад кои се во собраниска процедура, ревидираната Стратегија за отпад со која се предвидува изградба на регионални центри за управување со отпад, потоа за активностите поврзани со прогласување на Шар Планина за Национален Парк, подобрување на инфраструктурата за отпадни води (ИПА фондови), како и за можност за инвестиции на интернационални компании во енергетски ефикасни проекти.
Aмбасадорката Стјуарт се заблагодари за детално образложените планови и активности на Владата на Република Северна Македонија од страна на министерот Нуредини и покрај завршувањето на нејзиниот мандат, ги пренесе заложбите за продолжување на поддршката на Австралија кон исполнување на стратешките цели од областа на животната средина и климатските промени.