Атина, 11 мај 2021 (МИА) – Договорот меѓу Северна Македонија и Грција за изградба на интерконекторот за гасно поврзување е 99 отсто подготвен и испратен до европските власти, истакнаа министрите за животна средина и енергија на двете земји Насер Нуредини и Костас Скрекас на Делфи економскиот форум во Атина за време на панел дискусијата за „Европскиот зелен договор“, на која учествуваше и извршниот потпретседател на ЕК Франс Тимерманс, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за енергија и животна средина на Грција, Костас Скрекас откри дека договорот е 99 отсто подготвен, рече дека се очекува одобрување од европските власти, но и дека е блиску почетокот на изградбата на интерконеторот, додавајќи дека Грција е подготвена да ѝ помогне на Северна Македонија во реализација на плановите.
Министерот Нуредини истакна дека Северна Македонија е во срцето на регионот и „во иднина ќе бидеме земја транзит за гас за другите земји“, но и ги претстави енергетските планови на земјата.
– Секако сме возбудени и среќни дека сме 99 отсто подготвени за да го потпишеме договорот за интерконекторот со Грција. Нешто што не само што ќе ни донесе различни извори на гас, туку ќе ни помогне исто така во поврзувањето со Албанија, Косово и Србија. Ние сме земја која се наоѓаме во срцето на регионот. Ние ќе бидеме во иднина земја транзит за гас за други земји, истакна Нуредини.
Се осврна и она што нашата земја го први за да се усогласи со зелената агенда на Унијата, објасни дека постојат многу предлог закони, други се веќе усогласени, додаде дека работиме на инфраструктура, но и истакна дека „реалноста е дека ние сме економски зад членките на ЕУ“.
– Прашањето е колку ќе не чини инфраструктурата за да ги постигнеме стандардите што ги бара ЕУ и ќе го постигнеме тоа, рече Нуредини, додавајќи дека се користат средби како од буџетот, така и од европските програми.
Објасни дека земјите како Северна Македонија се зависни од лигнитот, рече 60-70 отсто од електричната енергија е од лигнит, сектор во кој има голем број вработени и додаде дека, би ни било од помош доколку и ние бидеме вклучени во Фондот за транзиција на ЕУ, кој засега е наменет само за земјите-членки, факт што го потенцираше и Тимерманс.
Тимерманс: Погледнете ги Северна Македонија и Грција и ќе бидете многу пооптимисти
Извршниот потпретседател на ЕК Франс Тимерманс, рече дека треба да се интензивира соработката со земјите од Западен Балкан во однос на енергетската транзиција, ја спомена средбата со премиерот на Северна Македонија Зоран Заев рече дека разговарале за огромните можности за изворите на енергија.
Паралелно, упати пофалби за тоа како Северна Македонија и Грција работат заедно, создаваат можности, создаваат раст, создаваат нови работни места
– Во моментите на песимизам за иднината на Европа, кога ќе видиш што е можно кога две соседни земји решија конструктивно да работат заедно, само погледнете ги Република Северна Македонија и Грција и ќе станете пооптимисти, истакна Тимерманс.
Додаде дека земји како Грција и Северна Македонија се идеално поставени за да бидат водороден центар за целиот регион во иднина, на што министерот Нуредини одговори дека би можело да се поднесе барање на таа тема, но претходно потребно е да се направат соодветни анализи.
Грчкиот министер на панел дискусијата, освен за договорот за интерконекторот рече дека постои простор за соработка со Северна Македонија и во други теми и изрази убеденост дека ќе постои соработка што ќе биде во корист на народите. ср/рп/