Ја поздравуваме одлуката на Универзитетот за Југоисточна Европа во Тетово да ја промовира употребата на обновливите извори на енергија, со кое и практично се реализира една од акциите на Планот за ниско-емисионен кампус и што се очекува да придонесе, макар и симболично, за ублажување на климатските промени, за што се потребни еколошки иновативни пристапи и технологии – изјави министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири на свеченоста по повод одбележувањето на 13-годишнината од формирањето на Универзитетот и пуштањето во употреба на постројката за добивање на енергија од биомаса.
– Министерството за животна средина и просторно планирање како национален координатор за климатски промени, во академската заедница гледа партнер во реализирањето на активностите од областа климатски промени, која е многу комплексна и која бара партнерства со различни засегнати страни. Едукацијата и подигнувањето на знаењата за климатските промени се еден од клучните фактори за правилното справување со истите – истакна министерот Изаири во своето обраќање.
Универзитетот од употреба ќе го исфрли мазутот, а наместо него, за добивање топлинска енергија ќе се користи биомаса, односно пелети, со што значително ќе се придонесе за намалување на емисијата на стакленички гасови.