ДПСИР рамка
- Што се случува?
Политиките се креираат за заштита и обезбедување на правата и потребите на луѓето и истите претрпуваат промена кога одредена цел е исполнета или веќе истата не е повеќе релевантна. Република Северна Македонија како земја кандидат за членство во Европската унија има обврска за транспонирање на европското законодавство во македонското. Според последната ревизија (2021-2025) од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија (НПАА) земјата има одредено ниво на подготвеност во областа на животната средина. Според препораките од Извештајот земјата се охрабрува да ги засили силите кон зелена транзиција и да ја подобри меѓусекторската координација. Понатаму се препорачува да се зголемат финансиите за намалување на загадувањето на воздухот, воспоставување на интегриран регионален систем за управување со отпад и спроведување на обврските кон климатските промени.
Како член на Европската агенција за животна средина (EEA) земјата има обврска за известување кон истата и тоа го прави успешно од 2000 година. Северна Македонија известувањето кон ЕЕА четири години во континуитет (2018-2021) го прави со 100% исполнетост. Покрај овие обврски постојат и националните обврски преку кои се следи прогресот за известувањата за животната средина преку доставените податоци за нови отпади, пречистителни станици, обуки за животната средина за локалната самоуправа и извештаи за отпад од општините.
- Зошто се случува?
Иако обврската за известување кон ЕЕА е со 100% исполнетост истото не значи дека и законските обврски на засегнатите страни се исполнуваат континуирано или пак во целост. Недостатокот на податоци со кои располагаат државните органи оневозможува понатамошно следење на прогресот во однос на законските обврски. Во голем број, општините сеуште не ги доставуваат годишните извештаи за отпад, и истото се должи на недоволната информираност како и недостатокот од човечки и административни капацитети. Исто така дел од дефинициите, прописите и обврските се повторуваат на повеќе различни места при што создаваат конфузија и при постапката за издавање на дозволи за отпад. За успешно спроведување на законодавството веќе четири години по ред се пристапува кон одржување обуки за административните капацитети од областа на законодавната рамка за животна средина.
Во однос на бројот на изградени пречистителни станици постои потреба од пораст на тој број за да се опфатат што поголем број на домаќинства и индустрии од кои би се третирала отпадната вода пред да се испушти назад во природата. Исто така голем број од постоечките станици не се во функција што се должи на необезбедените средства за нивно континуирано одржување.
- Дали имаме национална цел?
Нема јасно дефинирани национални цели.
- Дали националната цел е постигната?
Постои законска обврска за редовно исполнување на обврските за достава на документи и податоци.
- Клучни пораки за темата
Потребно е продолжување на процесот на усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ од областа на животната средина и негово спроведување во пракса. Континуираното почитување на законските обврски од сите засегнати страни ќе придонесе кон општество кое ефикасно ги спроведува законите и служи за сите. Само со взаемна отворена соработка (приватен и јавен сектор) може да се креира двонасочна комуникација која ќе вроди со резултати. Преку редовно исполнување на законските обврски и нивно надградување ќе бидеме и чекор поблиску до хармонизирање со европските закони.
- Кои активности се/треба да се преземат?
Во одност на отпадот потребни се структурни подобрувања во законодавството каде ќе се изврши ревидирање на законите и нивните дефиниции во Законот за управување со отпад. Со самото тоа ќе се креира појасна слика за понатамошно транспонирање на Рамковната директива за отпад на ЕУ. Со новиот Национален план за Управување со отпад (2020-2026) се предлага да се издадат следните општи правилници во кои ќе се дефинира појасно: Постапка за издавање на дозволи, Форма и содржината на документите за следливост, Формата и содржината на информациите што треба да ги достават операторите.
Во однос на извештаите за отпад од општините веќе се превземаат активности и се предлага формализирање на Регионалните центри (вкупно 8) каде поефикасно ќе се собираат податоците и извештаите ќе се доставуваат до МЖСПП. Исто така преку овие центри ќе може да се спроведуваат и едукативни програми со што ќе се зајакат административните капацитети на регионите.
МИЦЖС како одговорен орган за собирање и обработка на податоците за животната средина има континуирана потреба од надоградување со човечки и технички ресурси со што ќе се обезбедат постабилни и посигурни информации кон сите засегати страни. Еден од предлозите во Новиот национален план за управување со отпад (2020-2026) е овој сектор да биде дел од новата Агенција за животна средина.
Што се однесува до пречистителните станици она што треба да се превземе во иднина е зголемување на бројот на инвестиции во однос на БДП преку изградба на системи за собирање и третман на отпадни води. Преку ИПА фондовите веќе е изработена техничката и тендерската докумантација за станицата воТетово и Битола, а самата изградба е планирана во рамки на ИПА 2 програмата и се очекува да започне до крајот на 2022 година. Подготвена е и проектната документација за канализациона мрежа и пречистителна станица за населеното место Велес и неговата изградба се очекува во 2023 година поради специфичноста на теренот. За изградба на пречитителната станица за град Скопје веќе се обезбедени средствата за изградба и се очекува потпишување на договор до крајот на 2022 година.
Инструменти за политиките на животната средина – Листа на индикатори и нивниот прогрес
ПОВРЗАНИ ИНДИКАТОРИ СО ТЕМАТА | ||
р.б. | Код | Име на индикатор |
I | СОЦИО-ЕКОНОМСКИ ПРОМЕНИ | |
1 | МК НИ 090 | Број на население |
2 | МК НИ 091 | Густина на население |
3 | МК НИ 092 | Реален Бруто-домашен производ (БДП) по жител |
4 | МК НИ 093 | Очекувана должина на животот при раѓање |
СИТЕ ТЕМИ СЕ ПОВРЗАНИ СО ТЕМАТА ИНСТРУМЕНТИ ЗА ПОЛИТИКИТЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА