Во рамките на проектот „Постигнување на заштита за биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето“ се реализираа уште три проектни активности чии резултати беа презентирани на онлајн завршен настан.
Со проектна активност, „Изработка на карти на шумска вегетација за три пилот региони кои поддржуваат растителни заедници со ретки и загрозени видови“ за првпат во нашата држава се изработија карти на шумска вегетација за три пилот-единици со користење на “Систем за класификација на покровноста на земјиштето” – “Land Cover Classification System (LCCS)”, EUNIS класификација на видови на шумски живеалишта и инкорпорирање на најдобро достапните аеро-фото мапирани податоци, ГИС теренски податоци, како и почвени и климатски варијабли.
Другата проектна активност, „Изработка на национална карта на ерозија и чувствителност на суши и идентификација на подрачја со висок ризик и нивното влијание на биолошката разновидност“ се однесува на изработка на карта на ерозија и чуствителност на суши за целата територија на РСМ како соодветната база на податоци кои треба да претставуваат основен извор на информации на национално ниво и истите ќе послужат како основен извор на податоци за активностите поврзани со процесите на суша и опустинување.
Преку третата проектна активност, „Развивање на база на податоци за степенот на запечатување на почвата и губењето на органската материја за три пилот региони во Северна Македонија и анализа на нивното влијание на биолошката разновидност“ во три пилот региони се одреди развојот на запечатувањето на почвата, а беше развиена и дигитална база на податоци за органска материја во почвата, како и насоки за понатамошно ажурирање, одржување и вмрежување со други релевантни сетови на податоци.
Финалните резултати кои беа постигнати со имплементацијата на трите проектни активности треба да допринесат пред сè во подобрување на националните политики и управувањето со шумите и шумските екосистеми преку воведување на принципи и практики за еколошки одржливо стопанисување со шумите (Ecologically Sustainable Forest Management – ESFM) и вклучување на посебни елементи за загрозената биолошка разновидност, како и подобрување на националните политики за заштитата на биодиверзитетот во однос на деградацијата на земјиштето. Истовремено треба да помогнат во развивањето на алатки и база на податоци потребни за создавање на упатства за адаптација и прилагодување на Националниот Просторен План и Плановите за стопанисување со шумите во однос на зачувувањето на биолошката разновидност и деградација на земјиштето, како и зајакнување на капацитетите на просторните планери и другите релевантни корисници за интегрирање на заштитата на биолошката разновидност во националното планирање.
Проектот „Постигнување на заштита за биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето“ е финансиран од Глобалниот фонд за животна средина, а имплементиран преку Програмата на ООН за животна срединаво соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Балканска фондација за одржлив развој.