Во рамки на процесот на консултација на јавноста по Нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк денес се одржа консултативна средба со заинтересираните граѓански здруженија.
Во поздравното обраќање министерот Нуредини ја истакна максималната транспарентност и отвореност за коментари, забелешки и сугестии во однос на Нацрт-законот и потребата од вложување на заеднички напори и конструктивна соработка за да се искористи можноста и да се заштити Шар Планина која претставува наше големо национално богатство.
На средбата, невладините организации беа информирани за природните вредности и социо- економските карактериститки на идниот национален парк содржани во Студијата за валоризација природните вредности на Шар Планина и Социо-економскта студија и со содржината и концептот на Нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк. Средбата е дел од консултативниот процес кој е отворен од 17 септември годинава, кога Нацрт-законот се објави на ЕНЕР и на веб страницата на МЖСПП и ќе трае до 15 ноември 2020година.
Ова е прва средба од циклусот на консултативни средби со фокусирани засегнати страни што и претходат на онлајн јавната расправа закажана за 5.11.2020г. во 13 часот, и имаше за цел да се овозможи максимален пристап на јавноста до информации поврзани со процесот и да се објаснат сите можни начини и алатки за доставување на мислења/забелешки/коментари.
При тоа граѓанските здруженија беа повикани сите свои мислења/забелешки/коментари да ги достават до Министерството електронски на: infoeko@moepp.gov.mk, по пошта на адреса: плоштад Пресвета Богородица бр. 3, 1000 Скопје, во архвата на Министерството или едноставно преку отворените телефонски линии на Архус центарот во Скопје:
070 666 230; 076 319 503, 076 319 501. При тоа беше нагласено дека истите, со образложение ќе бидат внесени во Извештајот од консултации на јавноста кој ќе биде јавно достапен.
На настанот присуствуваа и одговараа на прашања претставниците на УНЕП, експертскиот тим кој учествуваше во изработката на Студијата за валоризација на вредностите на Шар Планина и социо-економската студија како и стручниот тим на МЖСПП.