Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека остатокот од процесот на јавна консултација на Нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, во состојба на неможност да се спроведе класична јавна расправа со физичко присуство, дополнително ќе продолжи да се реализира на следниов начин:
1. Во текот на наредните две недели ќе се се емитува информативна видео презентација на македонски и на албански јазик, согласно агендата за презентација на јавните расправи, во која ќе бидат споделени утврдените природни вредности и предложени зони од Студијата за валоризација на Шар Планина и претставен изработениот Нацрт-закон, како и упатства каде и како можат да се достават коментари и забелешки по Нацрт-законот. Информативното видео на двата јазика ќе се емитува во утрински и вечерен термин со претходна најава преку:
– национална телевизија
– локалните телевизии
– профилите на социјалните мрежи на МЖСПП.
2. Од 26.10. до 30.10. ќе се спроведат три фокусирани посебни консултации со релевантните целни групи/засегнати страни:
– Граѓанско општество – НВО (online),
– Градоначалниците од регионот каде се прогласува заштитеното подрачје, ЗЕЛС и претставници на месните заедници (online) и
– Стопански комори и локален бизнис сектор (online).
3. Од 26.10. до 1.11. ќе се спроведат директни средби (во помали групи) со руралната заедница на тема сослушување на локалните потреби и унапредување на традиционалните активности во идното заштитено подрачје.
4. На 5.11.2020 ќе се одржи официјална јавна расправа (online) на ЗООМ платформа (со обезбеден симултан превод на двата јазика).
5. Достапна е отворена телефонска линија во Архус Центарот за доставување на забелешки и коментари по Нацрт-законот: 070 666 230; 076 319 503 и 076 319 501.
6. Испратено e писмено барање на мислење до сите утврдени засегнати страни и институции со упатување на линкот на кој е достапен Нацрт-законот (ЕНЕР и ВЕБ страницата на МЖСПП).
Истовремено потсетуваме дека консултацииите со јавноста во целиот период се отворени. Нацрт- законот е достапен на ЕНЕР и на веб страницата на МЖСПП, а забелешки и коментари можат да се доставуваат постојано, а најдоцна до 15 ноември 2020 година.
За точното време на реализација на поединечните активности дополнително ќе најавуваме соодветно.