Информација за ингерeнции на ДИЖС и МЖСПП за работењето на правни субјекти во општина Гостивар
Министерството за животна средина и просторно планирање го поздравува ангажирањето на општина Гостивар за подготовка на петгодишната стратегија за намалување на загадувањето и изработката на катастарот на загадувачи кој е важен документ за идентификација на можните извори на загадувачи и намалување на притисокот и влијанијата врз животната средина.
Но, нагласуваме дека податоците за правните субјекти за кои МЖСПП и ДИЖС имаат ингеренции се неточни и од таа причина бараме поправка на деловите од текстот во медиумите кои што ги имаат објавено.
Имено, Управата за животна средина која е надлежна за издавање на А ИСКЗ дозволи има издадено вкупно 4 такви дозволи за правни субјекти кои се наоѓаат во оваа општина, а Б-ИСКЗ дозволи се издаваат од страна на општината, а не од страна на МЖСПП.
Од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање се издадени следните А-ИСКЗ дозволи:
1.Вардар Доломит ДООЕЛ Скопје, Призводствен погон Гостивар
2.Прогрес 1998 увоз –извоз с. Вруток Гостивар- асфалтна база
3.Пелагонија АД Гостивар, асфалтна база
4. Свис Метод, с.Чегране, Гостивар
Кај сите правни субјекти кои се наоѓаат на територијата на општина Гостивар кои се со А-ИСКЗ дозволи како и правни субјекти кои работат со Елаборати за животна средина кои ги издава Министерството за животна средина и просторно планирање редовно се врши инспекциски надзор врз основа на Годишен и Месечен План за работа на Државниот Инспекторат за животна средина.
ДИЖС своите надзори ги реализира преку Државен инспектор за животна средина со седиште во Гостивар, а исто така во делот водостопанство се вршат надзори од страна на Секторот за Водостопанска инспекција при ДИЖС, односно водостопанските инспектори на државно ниво.
Во моментот од вкупно четири правни субјекти со А-ИСКЗ дозвола работат двете асфалтни бази кои работат сезонски и за кои се направени 1-2 квартални надзори;и Вардар Доломит каде контроли се прават најмалку една, некогаш и повеќепати во текот на месецот, согласно направените мерења. Свис Метод во моментот не работи, а за два правни субјекта: Тулана Гостивар има забрана за работа од причина што не ги исполнува минималните технички услови за ИСКЗ/ ИСКЗ дозвола не е издадена, констатирано со Записник и од Управата и од ДИЖС; и Горен Полог – кој исто така не работи бидејќи е во процес на дислокација.
Што се однесува до правото на контрола на правни субјекти со Б-ИСКЗ дозволи, ДИЖС има ингеренции само согласно Законот за минерални суровини (Член 105), и тоа на увид во постоечката документација (Утврдува дали поседува Дозвола за Експлоатација, дали има годишен извештај по наведената експлоатација, утврдува дали има одговорно лице за спречување на опасностите и постапува само доколку има опасен отпад било за А или Б инсталација), а за останатото се надлежни државната техничка инспекција (главно рударската инспекција) и овластените општински инспектори и Општината која ја издава Б дозволата.
Сите останати правни субјекти кои се споменуваат во текстот се во надлежност и контрола на локалната самоуправа.
КАНЦЕЛАРИЈА ЗА КОМУНИКАЦИЈА СО ЈАВНОСТ