Со информацијата дека Владата на Република Северна Македонија на последната Владина седница ја усвои иницијативата на Министерството за животна средина и просторно планирање за престанок на набавките на еднократно пакување и пластика од страна на државните институции, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини ја започна конференцијата за медиуми што денес ја одржа пред започнувањето на јавната расправа по однос на шесте нови предлог законски решенија за управување со отпад.
Во продолжение Министерот ги информираше медиумите и за првата од двете најавени официјални отворени јавни расправи за новиот пакет закони од областа на управување со отпадот која вчера се одржа во Сојузот на Стопански комори на Северна Македонија.
Главниот фокус на дискусијата беа обврските на приватниот сектор, предвидени со овој нов предлог на законодавство за управување со отпадот, а посебно производителите кои пласираат на пазарот одделни производи со чија употреба се создава отпад.
Преку работење во соработка со засегнатите страни од почетната фаза на изработка и вклучувањето и ангажманот на компаниите во оваа финална фаза на консултирање на предлозите, веруваме дека дојдовме до заедничко разбирање за зајакнатите обврски на производителите за управувањето со посебните текови на отпадот во нашата држава.
Системот на проширена одговорност на производителот е во согласност со ЕУ стандардите и значи обезбедување на имплементацијата на принципите на циркуларната економија во нашата држава.
Веруваме дека е исклучително важно не само да селектираме, тука да вршиме и реупотреба, поправка, рециклирање и преработка секогаш кога тоа е можно, и дека со усвојувањето на новиот Закон за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад и воспоставувањето на финансиската обврска на производителите, остварени преку колективните и самостојни постапувачи, ќе се овозможи функционирањето на еден одржлив систем за управување со отпадот.
Новиот пакет закони ги надградува правилата и процедурите за управување со отпад од пакување, батерии и акумулатори, како и електрична и електронска опрема, но исто така воведува и нов Закон за дополнителни текови на отпадот што ќе го регулира управувањето со отпад од возила, гуми, масла и текстил.
Вчерашната дебата со бизнис заедницата беше многу конструктивна и ги охрабри сите присутни дека овој пристап може да ни помогне да ги надминеме предизвиците со кои се соочувавме со претходниот систем за регионално управување со отпадот и постигнувањето на нашите национални цели за преработка на отпадот.
Исто така, министерот Нуредини ја најави и претстојната дискусија со претставниците од локалната самоуправа и јавните комунални претпријатија истакнувајќи дека денеска продолжуваме да ги дискутираме со јавноста новите предлози, но со посебен фокус на претставниците на локалната самоуправа.
„Се надеваме дека новитети вградени во новиот рамковен закон за управување со отпадот ќе обезбедат исполнување на обврските на општините, ќе обезбедат соодветно собирање, селектирање и управување со отпадот, поефективна и ефикасна работа на јавните комунални претпријатија и подобри услуги за граѓаните, но пред се, финансиски одржлив регионален систем за управување со отпадот во согласност со стандардите за заштита на животната средина. Во очекување сме на финалните коментари и забелешки од компаниите, невладините организации, сите заинтересирани страни и јавноста воопшто во наредните денови и се надеваме дека овој пакет на закони ќе биде усвоен од страна на Владата до крајот на оваа година“, рече Нуредини.