(04.12.2019г.) Во рамки на спроведување на мерки за заштита и ревитализација на крајречните живеалишта како приоритети дефинирани во Националната стратегија за биолошка разовидност со акциски план (2018-2023), денеска во близина на селото Софилари кај Штип, непосредно крај реката Брегалница, беа засадени 1.500 садници со врба и топола. На тој начин се подобрува крајречната вегетација, но и се преземаат мерки за заштита од ерозија и поплавување на околните површини.
Кон акцијата се приклучи и заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули кој ја истакна важноста на крајречните шуми, од кои се обезбедуваат многубројни екосистемски услуги за локалните жители.
Според него, одржувањето и правилното и ефикасно управување на овие еко системи, пред се преку нивна ревитализација е клучно во подобрувањето на нивната функционалност и намалување на можните негативни влијанија врз животната средина.
Настанот за пошумување е во организација на Македонското еколошко друштво, во координација со Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – фаза 2, проект на Швајцарската агенција за развој на соработка и во соработка со општината Штип, Министерството за животна средина и просторно планирање и ЈП „Национални шуми“.
Во акцијата учествуваше и градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски, а се вклучија и ученици од основни и средни училишта од општина Штип, студенти од Факултетот за шумарски науки, пејсажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, студенти од Природно-математичкиот факултет од Скопје, извидници од ИО „Еквинос“ од Штип, како и претставници на партнерските организации на Програмата и други заинтересирани институции.