(29.11.2019г.) Денеска, во просториите на Македонска академија на науки и уметности (МАНУ), се одржа јавна расправа по нацрт – текстот на Стратегија за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040.
Државниот секретар при Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска изрази задоволство што предлог – Стратегијата за прв пат препознава поими како декарбонизација и ниско јаглероден раст, додавајќи дека Министерството за животна средина и просторно планирање, како ресорно министерство за креирање политики за заштита и унапредување на животната средина и ублажување на климатските промени, инсистираше на овој пристап во изработката на стратегијата, кој доследно би ги следел барањата на регулативата на ЕУ за интегрирање на енергетскиот развој со мерки за намалени климатски промени.
– Наша мисија како министерство, е вградување на аспектот за намалени климатски промени и почисти медиуми на животната средина во останатите секторски политики, а токму интеграцијата на енергетските и климатските политики за 2030 година, со перспектива за 2050 година, е приоритетна политика на ЕУ, која со изработката на Законот и долгорочната стратегија за клима, ќе бидат дел и од нашиот правен систем и стратешки пристап – рече Петровска.
На настанот, видео обраќање имаше и директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Јанез Копач.
Согласно Законот за енергетика, енергетската политика на Република Северна Македонија, се утврдува во Стратегијата за развој на енергетика која ја донесува Владата на предлог на министерството за економија. Стратегијата се донесува секои пет години и се однесува за нареден период од најмалку 20 години.
Настанот е организиран од страна на Министерството за економија и МАНУ.