(20.11.2019 г.) Денеска, по повод одбележувањето на Светскиот ден на детето (годишен ден на акција за децата) во Владата на Република Северна Македонија, се одржа средба на високо ниво „За децата, од децата“, на која младинските претставници зборуваjќи на повеќе теми значајни за младата генерација им ги пренесоа пораките на владините претставници .
Пред Премиерот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар, претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Диџовани, министри и други владини претставници, младите говорници од повеќе средни училишта ги изложија своите гледишта, проблеми и барања на темите: Заштита и унапредување на животната средина, Младинска (не)вработеност и одлив на работоспособната сила, Квалитетно образование, Инклузија на децата и младите во образованието, заедницата и општеството, Насилство и силеџиство кај младите и Учеството и оспособување на младите. Искажувајќи гордост што имаме таква младина што успеа точно да ги адресира проблемите во општеството, но и да даде смерници за разрешување на проблемите со што ќе се овозможи развивање на здраво општество што ќе остане на следната генерација, министрите од различни ресори одговорија на излагањата на младинците.
Во своето кратко обраќање, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини потврди дека ги слушнал и дека ќе ги уважи забелешките и коментарите од децата, изразувајќи решеност да делува, не само како претставник од Владата, туку и како граѓанин и родител.
– Вие сте нашата иднина. Затоа наша обврска е да се грижиме да ви обезбедиме чиста животна средина во која ќе просперирате. Имам и морална обврска, како родител, да го сторам тоа, за моето дете, но и за сите вас. И ве молам бидете гласни, станете, обратете се, борете се, кренете го својот глас, бидејќи ние возрасните мора да ве слушнеме, независно од тоа каде сте – истакна министерот Нуредини.
На крајот на средбата присутните имаа можност да ја разгледаат мултимедијалната изложба на детски дела насловена „Иднината на детството“ и да поразговараат со авторите.
Настанот се одржува по повод 30-годишнината од потпишувањето на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето . Оваа година, Конвенцијата претставува време на заложба за спротивставување на некои од новите предизвици со кои се соочуваат децата и младите, и за искористување на новите можности во современиот свет.
Настанот е организиран од: Уницеф, ЕУ, Младински образовен форум и Владата на РСМ.