Во периодот 2-4.10.2019 год. во Женева, Швајцарија, се одржа шестиот состанок на Работната група за пристап до информации за животната средина во рамки на Конвенцијата за пристап до информации, учество на јавноста и пристап до правда во областа на животната средина (Архуска конвенција) при УНЕЦЕ и заедничка работилница со Европската агенција за животна средина.
На состанокот присуствуваше претставник од Министерството за животна средина и просторно планирање, Маја Граматикова, советник во Македонскиот информативен центар за животна средина.
Активното споделување на информации за животната средина беше главен фокус на состанокот на Работната група и преку размена на искуства, добри практики, предизвици и научени лекции презентирани од страна на делегатите се посвети особено внимание на следните теми:
- Ефективното информирање во случај на непосредна закана за здравјето на луѓето и животната средина,
- Користење на модерните комуникациски технологии за пристап до информации од страна на јавноста,
- Ажурирање на Препораките за користење на електронски алатки за информирање на јавноста,
- Најнов развој во пристапот на јавноста до информации поврзани со емисии во животната средина и примена на ограничувања во тој пристап,
- Заштита на свиркачите и останатите лица кои ги остваруваат своите права согласно Конвенцијата.
Главна тема на заедничката работилница на УНЕЦЕ и ЕЕА беа отворените податоци (Open Data) во животната средина со цел:
- Зајакнување на капацитетите на владините институции во имплементација на информативниот столб од Архуската конвенција со фокус на ефективно информирање преку искористување на предностите на новите дигитални технологии и овозможување на нивно користење од страна на јавноста,
- Промовирање на синергија преку поврзување на релевантните иницијативи на владите, партнерските организации и други засегнати страни со цел подобрување на споделувањето и пристапот на јавноста до информациите за животната средина, вклучувајќи електронски алатки за информирање, е-влада, СЕИС (Shared Environmental Information System) и сл. во пан-европскиот регион,
- Модернизирање на информативните системи за животна средина и подигнување на профилот на информациите за животната средина преку нивната достапност, споделување и пошироко распространување.