(11.09.2019 г.) Денес, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини се сретна со директорот на Светска банка за Северна Македонија и за Косово Марко Мантованели .
На состанокот, Нуредини и Мантованели разговараа за новиот стратешки програмски документ на Светска Банка за Северна Македонија за период 2019-2023 – Рамка за партнерство (Country Partnership Framework), која има за цел да ја поддржи Република Северна Македонија во остварување на побрз, инклузивен и одржлив развој и и подобрување на условите за живот на граѓаните.
Фокусот на разговорот беше на продлабочување на соработката во деловите од програмскиот документ кои се во блиска корелација со политиките и активностите на Министерството. Како области од заеднички интерес со голем потенцијал за соработка беа посочени: генерално овозможување на ниско јаглероден, инклузивен и одржлив развој кој ќе придонесе кон намалување на загадување на воздухот како еден од најаларманите еколошки проблеми во државата, намалување на емисии на стакленички гасови и климатски промени, како и забрзување на активностите за подготовка на земјата за потенцијални земјотреси, поплави и други природни опасности.
Двајцата соговорници се сложија дека со имплементација на Рамката за партнерство во голема мерка ќе и се помогне на државата во зајакнување на фискалната одржливост и забрзување на транзицијата за користење на поодржливи извори на енергија. Но, исто така, со оглед на ограничениот простор за фискална политика, зголемените фискални ризици и големите развојни потреби, напорите за зајакнување на растот не треба да создаваат нерамнотежа што може да предизвика криза и да го загрози веќе постигнатиот напредок. Преместувањето на енергетскиот сектор на ниско јаглероден пат ќе ги намали ризиците од животната средина, ќе придонесе за помалку емисии и почист воздух и ќе го направи снабдувањето со енергија посигурно.