Mинистерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини оствари работна средба со aмбасадорот на Франција Н. Е. Кристијан Тимоние.
На средбата беше потврдена досегашната поддршка и соработка од страна на Франција, како и заложбата за понатамошно развивање на билатералната помош со потпишување на билатерален договор за соработка од областа на животната средина .
Амбасадорот Тимоние посебно ја истакна спремноста на Франција да ја поддржи нашата држава во исполнување на критериумите за зачувување на Охрид на листата на УНЕСКО (чие седиште е во Париз) како светско културно и природно наследство.
Исто така, се разговараше и за статусот на проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води за Градот Скопје, како многу значаен инфраструктурен проект со кој ќе се придонесе не само за заштита на животната средина, туку и за подобрување на квалитетот на животот на жителите на Скопје и на целата држава. Подготовката на проектната и тендерска документација за овој проект која се реализира со поддршка на Француската Влада е во завршна фаза, односно треба да биде завршена до крајот на 2019 година. Реализацијата на овој проект е тесно поврзана со проектот финансиран со ИПА средства за изградба на колекторскиот систем за Град Скопје, кој започна во јануари 2018г., а треба да заврши во фебруари, 2020 година.
Министерот Нуредини, од друга страна се заблагодари за поддршката што Министерството ја добива во изминатите години од Франција и изрази уверување дека добрата соработка ќе продолжи и во иднина и ќе резултира со успешна реализација не само на овие, туку и на многу други идни проекти .
Во разговорите се отвори и прашањето и се потврди подготвеноста на Француската Влада да ги поддржи активностите на Република Северна Македонија за исполнување на барањата за членство во Европската Унија за Поглавјето 27 , преку претставување и достапност на Француската Агенција за развој со регионално седиште во Белград .