(07.06.2019г.)Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, денеска учествува на Министерската конференција “Пазарни можности за циркуларна економија” (“Market Opportunities for circular economy”), која, како Прва конференција за циркуларна економија, се одржува во Солун, Република Грција.
Вчера, на маргините на конференцијата, заменик министерот Макрадули оствари билатерална средба со алтернативниот министер за животна средина и енергија на Република Грција, Сократис Фамелос.
На средбата двете страни разговараа за имплементацијата на Акцискиот план за интензивирање и продлабочување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, како што е предвидено во Спогодбата од Преспа и дефинирање на заеднички точки на соработка, како и разгледување на можноста за склучување на меморандум со кој ќе се унапреди соработката во повеќе аспекти од областа на животната средина.
Акцент беше ставен на темите во делот на унапредувањето на одржливиот развој, управувањето со природните ресурси, заштитата на културното и природното наследство кои би поттикнале контакти и размена на технолошко знаење, искуство и успешни практики меѓу индустриите и надлежните органи, искористување на можностите кои ги нуди преминот кон ниско-јаглеродна циркуларна економија, преземање на мерки со цел обезбедување на заштита на животната средина и зачувување на природните живеалишта во прекуграничните водени површини и нивната околина, како и дефинирање на формите на соработка при изнаоѓање на начини за намалување на ризиците и отстранување на сите форми на загадување.