Работилница: „Подобрување на квалитетот на воздухот со помош на стандарди“

3(03.06.2019г.) Со цел да се акцентира потребата од усогласување на македонските национални стандарди од областа на животната средина со оние кои постојат и се применуваат во Европската Унија, денес во Скопје, се одржа работилница на тема: „Подобрување на квалитетот на воздухот со помош на стандарди”.

Работилницата ја отвори државниот сектретар на Министерството за животна средина и просторно планирање Ана Петровска, која најпрво ја потенцираше важноста на воспоставување и воедначување на македонските со сите релевантни европски стандарди во заштитата на животната средина, како неопходен услов во понатамошната хармонизација на нашето национално законодавство со правото на Европската Унија.

– Имајќи предвид дека Европската Комисија потврди дека стандардите се алатка за вклучување на еколошките аспекти во многу области, преку резултатите од оваа работилница и преку усвојување на европските стандарди во секторот животна средина ќе се овозможи нашите чинители да дадат придонес и да се вклучат во овој европски процес – изјави Петровска, додавајќи дека европските стандарди ќе се применуваат во заштитата на квалитетот на воздухот и во нашата држава.

Директорот на Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија (ИСРСМ), Џеват Кицара истакна дека оваа работилница ќе овозможи вклучување на повеќе тела за стандардизација и национални организации за животна средина од нашата држава во подобрувањето на квалитетот на воздухот преку стандарди, доближувајќи го тој процес до граѓаните.

Наташа Амдију од Зелениот институт ја нагласи неопходноста од поблиска и покоординирана соработка со локалните власти во воспоставување на релевантните национални стандарди, но и вклучување на граѓанскиот сектор во детектирање на моменталните состојби со воздухот бидејќи сите ние работиме за да се постигнат подобри резултати, а тоа е почист воздух, за сите нас.

Работилницата се одржува во склоп на проектот ,,Вклучување на повеќе тела за стандардизација и национални организации за животна средина во стандардизација од аспект на животна средина”, финансиран од Европската Комисија и EFTA преку FPA договор помеѓу Европската Комисија и Европската организација за стандардизација (CEN).

Организатори на настанот се Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија (ИСРСМ) во соработка со Европската организација за стандардизација (CEN) и ЕУ Инфо Центарот.