Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска учествуваше во панел сесијата која беше организирана од страна на Здружението на даватели на комунални услуги на Република Северна Македонија, АДКОМ по повод одржувањето на 15-тото Годишно собрание на ова здружение. На настанот кој се одржува денес и утре во Охрид, учествуваат претставници на комуналните претпријатија во државата, претставници од ЗЕЛС, ресорните министерства, Регулаторната комисија за енергетика и донаторската заедница. Темата на панел сесијата: ,,Законските предизвици пред Јавните комунални претпријатија за водоснабдување, собирање и третман на отпадни води “ е во согласност со актуелните проблеми и предизвици кои ги имаат јавните комунални претпријатија во остварување на определбите на Владата за реформи во комуналниот сектор. Овие реформи треба да овозможат подобар квалитетот на услугите и да ја зголемат ефикасноста во работењето на ЈКП. Преку дискусија на претставници на различни засегнати страни, панел сесијата отвори конструктивен дијалог во однос на вистинските начини за надминување на предизвиците и обезбедување на поквалитетни услуги во оваа област.
Во своето обраќање, Ана Петровска ја потенцираше потребата за поинтензивна соработка во однос на спроведување на обврските на комуналните претпријатија што произлегуваат од Законот за води. Таа ги повика комуналните претпријатија кои сеуште не ги исполниле овие обврски, да воспостават заштитни зони околу изворите за водоснабдување и да аплицираат за дозвола за користење и испуштање на отпадни води. Притоа, редовно да ги плаќаат соодветни надоместоци за користење и испуштање на отпадни води, согласно Закон, бидејќи само на тој начин во буџетот ќе може да се соберат доволно средства за да се реализираат приоритетни инвестиции со кои ќе се подобри квалитетот на услугата кон граѓаните.