(13.03.2019г.) Ана Петровска, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање учествува на четвртата седница на Собранието на Обединетите нации за животна средина (UNEA 4) која од 11 до 15 март се одржува во Најроби, Кенија.
Собранието кое е највисоко светско тело за донесување одлуки за животната средина, годинава е фокусирано на иновативните решенија за предизвиците во животната средина и одржливата потрошувачка и производство. Од учесниците е покажано високо ниво на амбициозност и фокусираност за справување со еколошките предизвици поврзани со управувањето со сиромаштијата и со природните ресурси, вклучувајќи ги системите за одржлива храна, безбедноста на храната и задржувањето на загубата на биодиверзитетот; воведување пристапи на животниот циклус на ефикасноста на ресурсите, енергијата, хемикалиите и управувањето со отпадот и обезбедување на одржлив развој на бизнисот во време на брзи технолошки промени.
Од посебно национално и регионално значење е пропратниот настан кој се одржа вчера вечер, на 12 март, на кој беше презентирана Заедничката регионална визија за иновативни решенија за загадување, која како регионален процес е силно поддржана од ОН. Визијата содржи голем број препораки и обврски во врска со следењето, намалувањето и спречувањето на загадувањето и предвидува создавање регионален пристап за соработка во борбата за надминување на загадувањето во Југоисточна Европа. Произлезена е од Белградската министерска конференција за “Иновативни решенија за загадување во Југоисточна и Јужна Европа” од декември минатата година, која по многу нешта беша уникатна и го обнови духот на соработка за ризиците поврзани со загадувањето, особено за потребата од иновативни одговори соодветни за регионот.
Петровска, активно учествуваше на настанот и во своето излагање истакна дека трансферот на технологии е основа за одржлив развој во регионот и во Северна Македонија.
– Со средства на Европската Унија, Светската банка за обнова и развој и други извори, воспоставена е правна и политичка рамка, како и Фонд за иновации и технолошки развој во земјата, а се работи и на основање на национална канцеларија за трансфер на технологии- потенцираше Петровска нагласувајќи дека според неа најважно е дека во земјата се инвестира во чисти технологии како например во станиците за пречистување на отпадни води, и во регионалните санитарни депонии, а истовремено се работи на обезбедување на финансиски средстава за санирање на жешките точки, вклучувајќи ги депониите на линдан.
-Искуствата во однос на трансфер на чисти технологии во регионот треба да ги споделуваме, бидејќи на тој начин побргу ќе ги постигнеме националните цели за здрава животна средина – рече Петровска.
Заеднички е ставот дека оваа Платформа ќе го олесни создавањето на иновативни партнерства за борба против загадувањето во регионот, ќе ја поттикне прекуграничната соработка за политиките поврзани со загадувањето, ќе ја поддржи размената на know-how технологиите и ќе обезбеди стратешка регионална платформа за дискусија која ќе го поттикне развојот на програмски приод и заедничките проекти во подрегионот.