(13.02.2019г.) Денеска беше потпишан меморандум за соработка помеѓу студентскиот дом Кузман Јосифовски – Питу и АД БЕГ Скопје, со цел замена на системот за греење на студентскиот дом. Отсега, наместо да користи мазут за загревање на просториите, објектот ќе биде приклучен кон системот за централно греење на АД БЕГ Скопје.
Ова е дел од активностите поврзани со реализација на “Планот за чист воздух” за 2019г., што неодамна го усвои Владата и чии приоритети, меѓу другото, подразбираат замена на мазутот и нафтата со поеколошки системи на загревање, во повеќе јавни објекти.
На настанот присуствуваа заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, како и директорите на Студентскиот дом и на АД БЕГ, Дарио Николовски и Димитар Кочовски.
– Денеска и официјално започна практичната имплементација на Планот за чист воздух – истакна Макрадули во своето обраќање, нагласувајќи дека ова не е само еколошки проект, туку и проект кој носи еколошка заштеда.
– Нашите пресметки покажаа дека со согорување на 230 тони мазут во зимскиот период во Студентскиот дом Кузман Јосифовски – Питу, на годишно ниво се генерираат 28 килограми ПМ 2,5 честички – додаде заменик министерот Макрадули додавајќи дека Владата интензивно работи на тоа на сите студенти да им обезбеди почиста животна средина.
Според него, во Планот приоритет се и основните училишта во најзагадените општини Скопје, Тетово, Куманово, Битола, Гостивар и Струмица.
Министерот Адеми нагласи:
– Министерството за образование и наука има круцијална улога во системското справување со предизвиците за намалување на аерозагадувањето и заштита на животната средина, и тоа од три аспекти – првиот е со едукативен карактер, вториот е од научен карактер, за да се изнајдат нови решенија при справување со овој голем предизвик и третиот аспект е од инфраструктурен карактер.
Директорот на студенскиот дом Николовски истакна:
– Со приклучување на студенскиот дом Кузман Јосифовски – Питу кон централниот систем за греење придонесуваме за почиста животна средина и ги намалуваме трошоците за греење на домот за околу 2 милиони денари годишно. Овој објект се загрева на мазут од 1976 и со приклучување кон централното парно греење, покрај проблемот со аерозагадувањето, го решаваме и проблемот со прекините во загревањето на домот предизвикани од застарената инсталација.