(21.11.2018г.) Министерството за животна средина и просторно планирање е домаќин на Третиот министерски панел за животна средина и климатска акција во Западен Балкан, кој денес се одржува во Скопје како заедничка активност на Советот за регионална соработка (RCC) и Министерството за животна средина и просторно планирање на Р. Македонија.
– Ние го сметаме одржувањето на овој состанок на Регионалната Работна Група како круцијален во остварување на резултати во полето на одржливиот развој на ниво на сите економии од Западен Балкан, генерално преку имплементирање на Целите за одржлив развој во линија со националните и регионалните приоритети и Стратегијата на Југоисточна Европа 2020 – истакна министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки во поздравното обраќање, нагласувајќи дека за многу значајно го смета зајакнувањето на политиките и оперативните врски помеѓу животната средина и другите сектори како што се климатските промени, но и подобрувањето на врските помеѓу министерствата одговорни за животна средина и министерствата одговорни за енергетика, земјоделие, води, транспорт и останатите ресори.
Главни теми на кои претставниците на државите од Западен Балкан дискутираат се: национални и регионални приоритети, тековни и идни предизвици и важноста на регионалната соработка во остварување на глобалните цели до 2030 година, при што делегациите се поканети да идентификуваат три приоритети за секоја економија и клучни активности за натамошениот напредок во областа на животната средина; потоа Стратегијата на Југоисточна Европа 2020 и активностите во областа животна средина во државите на Западен Балкан на неговиот пат кон ЕУ.
Министерот Дураки во своето излагање ги потенцираше резултатите од Работната група за биодиверзитет (Biodiversity Task Force) која се одржа во текот на вчерашниот ден и најави нивна презентација во текот на конференцијата, потоа прогресот на двата проекти: Clima Proof, климатска отпорност за развој на инфраструктура за транспорт и Nexus, за критичните поврзаности помеѓу водите, енергија и сигурност на храна за кои е веќе воспоставено финансирање од Австриската развојна агенција и фактот дека на оваа регионална средба ќе се иницира имплементација на акции на Димензијата за животна средина на Стратегијата 2020 на Југоисточна Европа поврзана за прекугранично управување со водените ресурси. Имено, проектот Nexus, во кој се идентификувани две речни корита Дрина и Дрим, важен е не само за уникатниот биодиверзитет, но и за туристичката индустрија и за производството на хидро енергија, со што ќе се подржи одржливото управување со водените ресурси во регионот и за кој оваа работна група има управувачка улога на двата проекти.
На Конференцијата свое обраќање имаше и заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, во кое истакна дека во Република Македонија се одвиваат неколку важни активности:
1. Изработка на заедничка стратегија за енергетика и клима
2. Имплементација на законот за енергетика кој е во потполно усогласен со препораките на Енергетската заедница
3. Започна изработката на 4-тиот национален план и третиот БУР за климатски промени со што МК е во напредна фаза во однос на другите земји од регионот
4. Донесена е стратешка одлука намалувањето на аерозагдувањето да е стратешка програма на владата
5. Бидејќи постои цврст линк помеѓу аерозагадувањето и климатските промени, активностите во рамки на стратешката програм на владата ќе птидонесе и за постигнување на барата од парискиот догвор и ЕУ таргетите за климатските промени
6. Инвестиција во енергетиката следната година, пред сè во обновливите извори на електрична енергија и распишување тендер на почетокот на следната година за минимум 100 мегавати инсталирани капацитети во фотоволтаици.
Поздравни обраќања имаа и Горан Свилановиќ, генералниот секретар на Советот за регионална соработка (RCC) и Никола Бертолини, раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Скопје, по што следеше клучната белешка од Јанез Копач, директор на Секретаријатот на Енергетската заедница.
На средбата е усвоена декларација на државите од Западен Балкан за животната средина и климатска акција