(27.06.2018г) Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, учествува на 54-от состанок на Советот и Шестото собрание на Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ) што се одржува во Да Нанг, Виетнам од 23 до 29 јуни 2018 година.
На состанокот на Советот кој се одржа од 24 до 26 јуни, и е последен во рамки на шестиот програмски циклус (ГЕФ 6), се разговараше за постигнувањата во изминатите четири години, како стапувањето во сила на Минамата конвенцијата, Договорот од Париз, прогресот во рамки на конвенциите за биолошка разновидност, клима, борба против опустинување, како и целите за одржлив развој кој ни обезбедуваат корисна рамка за мерење на прогресот кон исполнување на глобалните цели во заштитата на животната средина.
Исто така, беше одобрена и програмата за седмиот циклус на Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ 7), а беше потврдена и финансиската рамка од 4.1 билиони долари за исполнување на глобалните цели во заштитата на животната средина. Согласно системот за транспарентна алокација на средствата (СТАР), најкасно до почетокот на месец јули 2018 година ќе бидат официјално соопштени и националните алокации на средства за реализација на обврските кон трите Рио Конвенции во следниот четири годишен период.
Шестото собрание на Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ), основано за да помогне во справувањето со најголемите еколошки проблеми на нашата планета, ќе се одржи од 27-28 јуни 2018 година.
Како еден од најзначајните глобални собири за животна средина, кое се одржува на четири години, собранието претставува одлична можност за министрите за животна средина и други високи претставници на сите 183 земји членки, високи претставници на агенциите на ОН, банки, невладини организации и бизнис лидери да споделат идеи, решенија и преземат неопходни акции за заштита на животната средина на глобално ниво.
Министерот Дураки ќе има свое обраќање на пленарната сесија на отварањето на шестот собрание на ГЕФ, а ќе учествува и во дискусија на тркалезна маса на високите претставници на тема „ Поставување на целите за постигнување на неутралност на деградација на земјиштето во Република Македонија“.