(21.05.2018г.) Денеска,министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки и градоначалниците на општините: Тетово, Липково, Врапчиште, Град Скопје, Шуто Оризаре, Битола и Берово потпишаа договори за доделување на финансиски средства на локалните самоуправи за изработка на техничка документација и изградба на канализациони системи и системи за одведување и пречистување на отпадни води. Средствата се доделени согласно Програмата за инвестирање во животната средина за 2018 година.
– Во оваа област се предвидени вкупно 45 милиони денари и истите се доделени на 36 општини, за 42 проекти. Со тоа Министерството за животна средина и просторно планирање продолжува и финансиски да ги помaга локалните самоуправи во делот на управувањето и заштитата на квалитетот на водите бидејќи со тоа се обезбедува не само почиста животна средина, туку и директно се влијае врз здравјето на жителите – истакна министерот Дураки.
Согласно Програмата за инвестирање во животната средина за 2018 година средствата се распределени за проекти во 4 области: за заштита, зачувување и подобрување на квалитетот на водите; за заштита на природата и биолошката разновидност; за подигање на јавната свест, едукација и обука во областа животна средина; и за поттикнување на образовни, истражувачки и развојни студии, програми, проекти и други слични активности за заштита и унапредување на животната средина и природата.