(07.05.2018) Денеска, министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки и градоначалникот на општина Липково, Еркан Арифи присуствуваа на отпочнувањето на изведбените работи за дел од доводниот цевковод за водоснабдување на неколку населени места во о.Липково.
– Ова е многу важен инфраструктурен проект со кој не само што ќе се подобри водоснабдувањето на жителите на општина Липково, туку ќе се влијае и врз подобрувањето на заштитата на животната средина и здравјето на луѓето во регионот – изјави министерот Дураки во свото обраќање.
Водоснабдителниот цевковод ќе се гради за три населени места, и тоа за дел од централната разделна шахта до приклучната шахта за с. Никуштак, од централната разделна шахта до приклучната шахта за с. Лојане и од разделната шахта до приклучната шахта кон с. Опае.
Вредноста на изведувањата на трите дела од проектот изнесува околу 92 милиони денари, а предвидено е изведбените работи на терен да завршат во рок од 7 месеци.