(13.03.2018г.)Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, денеска, присуствуваше на Меѓународната конференција на тема: „Европските искуства за улогата на компаниите кои управуваат со посебните текови на отпад – сега и во иднина“, во организација на Асоцијацијата за управување со посебни текови на отпад, при Стопанската комора на Македонија.
Целта на оваа конференцијата е актуелизирање односно афирмирање на досега превземените но исто така и на идните активности кои ќе придонесат за унапредување на процесот на колективното управување со посебните текови на отпад, како што се отпадот од пакување, електронскиот и електричен отпад, отпадните батерии и акумулатори.
Во својот поздравен говор, заменик министерот Макрадули истакна дека бизнис секторот треба како и досега, посветено да продолжи да работи во организирањето на колективните постапувачи, но и да покаже поголема општествена одговорност. Тој, нагласи дека во подготовка се закони со кои ќe се дорегулира оваа сфера, со поголема и посеопфатна поддршка за колективниге постапувачи, а ќе се пристапи и кон активно стимулирање на рециклирањето.
При тоа, Макрадули забележа дека управувањето со отпадот е од јавен интерес и дека неговото третирање на поинаков начин ќе значи бенефит, а не трошок и дека патот кон циркуларната економија не значи само заштита на животната средина, туку, подобар и поефикасен раст на економијата.
На конференцијата свое обраќање имаа и претседателот на Асоцијацијата, д-р Филип Ивановски, д-р Зоран Шапуриќ, министер без ресор во Владата на РМ задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија и заменик претседателот на ЗЕЛС Висар Ганиу.