Денес во Липково, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, Постојаниот претставник на УНДП Луиза Винтон и градоначалникот на Општина Липково Еркан Арифи го одбележаа почетокот на градежните работи од втората фаза на проектот за регулација на Липковска река.
Проектот е дел од заедничките напори на Министерството за животна средина и просторно планирање и УНДП, да ја подобрат состојбата во државата по однос на заштитата од поплавите во регионите под висок ризик .
„Сакам да се заблагодарам на големата поддршка од УНДП и да најавам интензивирање на соработката во иднина, во интерес на жителите на општината и насекаде во државата. Му честитам на градоначалникот за реализацијата на проектот и му посакувам уште многу вакви успешни иницијативи во иднина“, рече министерот за животна средина Дураки.
„Овој проект е дел од поголема програма на УНДП за намалување на ризикот од поплави во најзасегнатите подрачја во државата. Со наша поддршка, општината ќе биде во можност целосно да го заврши овој проект, што е од голема важност за нејзините жители“, изјави Луиза Винтон, Постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации.
„Со проектот не само што ќе се обезбеди долгорочна заштита од поплави на населението и имотот, туку и естетски ќе се збогати просторот во центарот на општина Липково. Токму ваквите проекти дополнително ги истакнуваат развојните можности на нашата општина“, изјави градоначалникот Арифи.
Проектот, вреден околу 200.000 американски долари се изведува со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а негова цел е довршување на регулацијатата на реката во должина од дополнителни 400 метри со што ќе се намали ризикот од поплави во иднина.