Денеска на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се одржа форум со академската заедница за можностите за намалување на загадувањето на воздухот предизвикано од греењето во домаќинствата.
Панелисти на Форумот беа заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, ректорот на Универзитетото Гоце Делчев од Штип Блажо Боев и проф. д-р Дејан Мираковски, а учествуваа лица одговорни за животната средина од локалните самоуправи, професори од универзитетите кои работат на ова поле, граѓанските здруженија, бизнис заедницата и меѓународните организации.
Во воведното обраќање заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули истакна дека политиките и мерките за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух мора да бидат засновани на научни факти и бројки. Според него секој мерка која дава резултати, а е повефтина од 325 милиони евра, колку што според Светска банка аерозагадувањето ја чини државата.
Форумот се покажа како одлична можност за презентација на резултатите од истражувањето на греењето во Скопската котлина и греењето општо како причинител на загадувањето не само во Скопје, туку и низ целата држава. Во фокусот на дискусијата беа предложените акции во Патоказот за намалување на загадувањето од греењето 2017-2025, изработен како заедничка активност на МЖСПП, УНДП, Град Скопје во соработка со МАНУ, истакнати експерти од академската заедница и Центарот за иновации – Скопје Лаб.
Недвосмислено се потврди фактот дека експертската заедница има голем удел во справување со предизвиците за подобрување на квалитетот на воздухот во градовите во државата и е важна алка во процесот на креирање на политики кои треба и мора да бидат засновани на научни податоци, а не на претпоставки. Се потенцираше потребата овие факти и податоци на вистински начин да се пренесат на јавноста со цел да се разбијат стереотипите и лошите практики во секојдневниот живот условени пред се од „бомбардирање“ на јавноста со популистички акции и недоволната достапност до вистинските информации.
Во текот на двочасовната средба, присутните имаа можност во отворен и транспрентен процес да дискутираат за предложените решенија, и како да дојдеме до заедничката цел (ч)ист воздух.