„Езеро од јаболка“ е филмот со кој Република Македонија со посредство на Министерството за животна средина и просторно планирање ќе се претстави на третиот по ред Green Montenegro International Film Fest (GMIFF) кој од 14 до 16 декември се одржува во Црна Гора.
Филмот е во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, а е изработен во рамките на проектот за заштита на Преспанското Езеро. Тоа е успешна приказна како со одржливо управување е зачуван еден од најстарите слатководни еко-системи на Земјата, каде живеат повеќе од 2000 видови растенија и животни од кои голем број се ендемични видови.
Како претставник од Македонија, на фестивалот присуствува посебниот советник за животна средина и просторно планирање во Владата на Република Македонија, Драган Јованов, кој воедно ќе го отвори овогодишниот фестивал и ќе говори во насока на еколошкото образование и науката, за улогата на едукацијата, како и за односот спрема животната средина и нејзината заштита.
На овогодинешниот фестивал ќе бидат претставени филмови на тема заштита на животната средина од преку 40 држави од регионот, Европа и светот. Целта на фестивалот е преку уметничкиот импулс да се развива и подигнува свеста за потребата од заштита и зачувување на животната средина и да се унапреди знаењето и информираноста за екологијата. Фестивалот има и натпреварувачки дел во кој ќе се избира најдобар еколошки филм, најдобар еколошки едукатор, а ќе биде доделена и Гран при награда за најдобро фестивалско филмско остварување.
На фестивалот присуствуваат академици, професори, владини функционери, државни институции и невладини организации од Црна Гора и регионот.