Со најавување на нов правец во третирање на отпадот во Македонија, кој подразбира засилени активности за воспоставување на интегрираниот пристап кон третирањето на комуналниот отпад, односно вклучување на широк спектар на учесници – национални и локални власти, приватни компании, граѓанско општество, заменик минстерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули ја отвори дебатата „Дали го селектираме отпадот во нашите домови“ и го најави македонското партиципирање во Европската недела за намалување на отпадот.
Со оваа дебата, на која свое обраќање имаше и францускиот амбасадор Тимоние и претседателот на граѓанското здружение Гоу Грин, Јовановски се поттикна јавна дискусија за управувањето со отпадот во домаќинствата. При тоа беше ставен фокус на искористеното масло за јадење, развивањето на свест за последиците и придобивките од (не)селектирање на отпадното масло за јадење, како и поттикнување на соработка и вмрежување на клучни фактори на системот и презентирање на добри практики.
Според заменик министерот Макрадули, за намалување на отпадот покрај ангажманот на институциите, создавање на неоходната инфраструктура, потребна е и промена на секојдневните навики на сите нас во третманот на отпадот.
Европската недела за намалување на отпадот трае од 20 до 26 ноември кога низ цела Европа ќе се организираат стотици настани за промовирање на дијалог и активности за подигање на свеста за одржливо управување со ресурси и управување со отпадот.