Со денешната средба на министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки и заменик министерот Јани Макрадули со градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов и градоначалниците на општините од Скопскиот плански регион започна координирањето и усогласувањето на активностите за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух.
На средбата присуствуваа и постојниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон, претставници на Државниот инспекторат за животна средина и на Инспекцискиот совет.
Податоци за моменталната состојба, за законските ингеренции, актуелните планови, досегашните искуства и проблеми, предлог мерките и патоказите, како и дефинирање на идна комуникација и делување беа презентирани од Македонскиот информативен центар за животна средина. Од страна на УНДП беа презентирани податоците и анализите кои произлегоа од резултатите на истражувањето за видот на затоплување што го користат жителите на Скопје и Скопската котлина.
– За да најдеме решение за загадувањето на воздухот прво треба да ги најдеме причините. Нашето најново истражување вели дека греењето е причина за една третина на загадувањето. За време на една грејна сезона во Скопје се горат 317 000 тони дрва, што е еднакво на бројот на сите дрва на Водно – изјави Луиза Винтон .
Присутните се согласија дека за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот, особено во зимскиот период императивен е заедничкиот пристап, засилените напори и усогласените политики и активности на сите институции, општини, невладини организации, вклучувајќи ги и самите граѓани чие однесување, знаење и секојдневни навики во голема мерка го диктираат нивото на загаденост на воздухот.
Се дискутираше и за координација на инспекциските надзори на национално и локално ниво. Според претставниците на Државниот инспекторат за животна средина, теренските активности покажале дека постои недоволна усогласеност во дејствувањето на Државниот и локалните инспекторати и тоа создава празнини и секојдневна непокриеност на голем број еколошки жешки точки. Тоа е јасен показатечл дека за да се обезбеди ефикасна заштита на здравјето и животната средина е потребно итно координирање на инспекциите за животна средина. Според нив особено алармантна е состојбата во Скопје, каде што дејствуваат дури три нивоа на инспекторати (државен, градски и општински), а исходот е незадоволителен.
Имајќи го ова предвид веќе за утре, во Градот Скопје е закажан стручен состанок на различните нивоа на инспекциските служби.