Министерот за животна средина Садула Дураки, амбасадорот на Европската Унија Самуел Жбогар и постојаниот претставник на УНДП Луиза Винтон денеска го промовираа новиот проект за Заштита на природата. Проектот, вреден 4,3 милиони евра, финансирани од Европската Унија и Програмата за развој на Обединетите Нации, ќе биде имплементиран од УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање во наредните 28 месеци.
„Успешната имплементација на овој проект ќе придонесе за подобро и поодржливо управување со природните ресурси во заштитените подрачја во државата. Ќе покажеме со конкретни примери дека инвестирањето во заштитата на природата ќе донесе економски придобивки за општините“, изјави министерот Дураки.
Државата има поставено амбициозни цели во врска со заштитата на природата: мрежата од 86 заштитени подрачја покрива околу девет проценти од државната територија. Но, не секогаш прогласувањето на одредена територија за заштитено подрачје е проследено со спроведување на ефикасни мерки за негова заштита и за заштита на природните богатства на државата.
Проектот ќе се одвива преку доделување грантови наменети постигнување на три цели:
– да се одговори на приоритетните потреби во подобрување на управувањето со заштитените подрачја, а каде што тоа е возможно и кои се предложени како можни подрачја за вклучување во мрежата на Натура 2000,
– да се промовира поодржлив начин на користење на природните ресурси и
– преку практични примери да се демонстрира дека заштитата на природата и локалниот економски развој зависат едно од друго.
„Европската унија постојано и помага на земјата во градењето на подобра иднина за нејзините граѓани. Веруваме дека овој проект ќе помогне да се заштити богатиот биодиверзитет на земјата и заштитените подрачја истовремено подобрувајќи ги животите на луѓето“, изјави амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар.
Со оглед на многуте различни структури кои управуваат со заштитените подрачја и нивните различни капацитети, грантовите ќе се употребат на два начина: едни за поголемите, поразвиените заштитени подрачја со етаблирани управувачки структури (како на пример, националните паркови Пелистер, Галичица и Маврово) и други за помалите, помалку развиени заштитени подрачја, каде што се уште нема воспоставено управувачка структура. Во целина, проектот ќе додели околу 20 грантови, кои ќе бидат имплементирани од управувачките тела на заштитените подрачја, локалните самоуправи и НВО-ата.
Исто така, преку проектот ќе бидат изградени неколку мали пречистителни станици, со цел да се демострира нивниот потенцијал како евтино решение за справување со предизвците за заштита на животната средина, со кои се соочуваат многу локални заедници кои се во близина на заштитени подрачја.
„Земјата глобално е позната како дел од оние земји со несомнено најбогат биодиверзитет“, изјави Луиза Винтон, Постојан претставник на УНДП. „Ние во УНДП сме почестени што ја имаме оваа нова можност да работиме заедно со нашите национални партнери со цел да обезбедиме дека ова природното богатство е зачувано за сите идни генерации“.