(17.05.2017г.) Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски, денеска говореше на конференцијата за одржливо управување со отпад на регионално ниво која се одржа во рамки на проектот финансиран од ЕУ: „Подготовка на потребни документи за воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагониски, Југозападен, Вардарски и Скопски регион”.
Според заменик министерот Темелковски, активностите за спроведување на политиките за управување со отпадот во Република Македонија ќе придонесат кон подобрување на стандардите за управување со отпадот во нашата држава.
– Тоа првенствено подразбира решавање на проблемите со еколошки несоодветното одложениот отпад на општинските и останатите “диви” депонии, кои треба итно да се затворат или технички да се надградат за да се постигнат стандардите утврдени со закон. Ова секако бара практични и финансиски изводливи решенија на приоритетните проблеми – истакна заменик министерот Темелковски.
Целта на проектот е да се постигне интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагонискиот, Југозападниот, Вардарскиот и Скопскиот регион и да се подобри животниот стандард на приближно 1.200.000 жители од 43 општини од горенаведените региони кои моментално годишно произведуваат 330.000 тони отпад.
За време на проектот ќе бидат составени бројни студии и документи, како Регионални планови за управување со отпад, Стратешка оцена на животната средина, Физибилити студии, Анализи на трошоци, Оцена на влијанието врз животната средина, Основни проекти и помош при изработка на Тендерска документација за договори за работа и набавки за изградба на избрани инсталации за третман и отстранување на отпад, затворање на нестандардни/диви депонии и набавка на опрема за собирање и претовар на отпад во согласност со стандардите на ЕУ.
Главна цел на конференцијата е подигање на свеста за значењето на Интегрираните системи за управување со отпад и зголемување на видливоста на Проектот како и промовирање на политиките на ЕУ и проектите за отпад на МЖСПП.
На отварањето на конференцијата свое обраќање имаше и раководителот на Одделот за инфраструктура, земјоделство и социјални политики во Делегацијата на Европска Унија, Мауро Ди Вероли.