ИНФОРМАЦИЈА ДО МЕДИУМИ

Почитувани, Ве информираме дека на 22 април 2019г. (понеделник) Министерството за животна средина и просторно планирање ќе се вклучи во активностите за обележување на Денот на планетата Земја, 22 април, кои, во организација на Град Скопје, ќе се одржат во Зоолошката градина во Скопје.

Предвидените активности ќе започнат во 10.15 часот, со краток еко-час во Едукативниот центар на Зоолошката градина на тема “Вредноста на дивите видови” што ќе го одржат претставници од Министерството.

Одржувањето на еко-часот е во контект на основната порака на Рамковната Конвенција на Обединети нации за климатски промени (UNFCCC), според која едукацијата за влијанието на климатските промени, преземањето акција и заедничкото делување за заштита на биодиверзитетот, како и одржливиот развој, го подобруваат здравјето и благосостојбата на целата заедница.

Воедно, предвидено е и хортикултурно уредување на катче од Зоолошката градина со садење на садници од страна на ученици од СУГС Гимназија „Орце Николов“ и штитеници од Центарот за лица со интелектуална попреченост „Порака“.

Настанот е подржан од ЈП паркови и зеленило-Флораком, Зоолошката градина од Скопје, и од организацијата „Cities for Forests“, која на глобално ниво делува на подигање на свеста за значењето на шумите.

Тема на овогодинешното меѓународно одбележување на Денот на планетата Земја е „Заштитете ги нашите видови“ (Protect Our Species) и има за цел да едуцира и да ја подигне свеста за брзото намалување на популацијата на растенија и диви животни предизвикано од човечки активности.