(11.12.2019г.) На маргините на конференцијата, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини оствари и билатерална средба со грчкиот министер за животна средина и енергија, Костис Хатцидакис (Kostis Hatzidakis), со кого разговараа за можните начини на продлабочување на соработката за клучните прашања од областа на животна средина од значење на двете страни. Како главни точки за кои е потребна понатамошен заеднички ангажман беа издвоени управувањето со речниот слив на реката Вардар, како и менаџментот на Дојранското и Преспанското Езеро, како и прашања врзани со заедничката енергетска и климатска политика. Министрите се согласија да се заложат за воспоставување на заедничка експертска работна група која ќе ги разработи подетално активностите со кои ќе се унапреди соработката и менаџирањето со предметните водни ресурси.
Министерот исто така оствари средба и со министерот за животна средина и просторно планирање на Република Словенија Симон Заиц, со кого разговараа за соработки во областа на управувањето со отпадот и заштитата на природата.
Министерот Нуредини се сретна и со новоназначениот генерален директор на ИАЕА (Меѓународна агенција за атомска енергија) Рафаел Гроси, генералниот директор на УНИДО Ли Јонг, како и со амбадорот Кире Илоски, директор на УНЕЦЕ (Економска комусија за Европа на Обединетите Нации). Тие дискутираа за начините за зајакнување на соработката со нашата држава. Меѓу другото зборуваа и за проектните активности кои во моментот се спроведуваат во РСМ, а особено за оние поврзани со отстранувањето на линданот во Охис и за енергетската ефикасност на индустријата.